Општина Гази Баба ја посети висока делегација на инвеститори од Обединетите Арапски Емирати, со која остваривме значајна средба насочена кон продлабочување на економската соработка и отворање нови перспективи за развој на нашата општина.
Делегацијата ја сочинуваа:
Н.Е. д-р Хамад Ал Памси, претседател на „Emirates Investment Group“;
Елиас Згеиб, главен извршен директор на „Emirates Investment Group“;
Антон Ел Зогби, потпретседател на „Al Bata Group“.
На средбата присуствуваше и Н.Е. Абдулкадар Мемеди, амбасадор на Република Македонија во Обединетите Арапски Емирати.
Особено значаен резултат од средбата е склучувањето Меморандум за соработка, со кој поставуваме основа за понатамошно поврзување, развивање партнерства и конкретни активности во насока на привлекување инвестиции.
Во фокусот на разговорите беа економските потенцијали и развојните можности на Општина Гази Баба, со посебен акцент на промоцијата на индустриската зона „Северна обиколница“, како простор со значителен потенцијал за нови инвестиции, отворање работни места и поттикнување на стопанскиот развој.
Оваа средба е важен чекор кон создавање нови меѓународни партнерства и афирмација на Гази Баба како општина со отворени можности за инвестирање, развој и напредок.
Соработката продолжува! Во периодот што следи ќе работиме на конкретизирање на договорените активности и претворање на можностите во реални инвестиции и проекти.
Нашата цел е јасна – економски раст, нови инвестиции, нови работни места и забрзан развој на Општина Гази Баба.
Веруваме дека преку отвореност, партнерство и стратешка соработка можеме да создадеме подобри услови за бизнис, нови можности за граѓаните и посилна, поразвиена Гази Баба!
Гази Баба има потенцијал. Сега создаваме услови тој потенцијал да го претвориме во развој!