За жал повторно мораме да се потсетиме дека животот знае да биде суров… но и дека човечката добрина може да биде посилна од секоја болка.
Катерина е жена која преживеала семејно насилство и денес се бори за гол опстанок. Во домот каде што живее со своите деца и очувот, нема основни услови за живот. Нема доволно храна, нема сигурност, нема топлина…
Ова не е само приказна за сиромаштија. Ова е приказна за мајка која секој ден се буди со страв како ќе ги нахрани своите деца. За три мали ангели кои заслужуваат детство исполнето со љубов, насмевки и безгрижност, а не солзи и глад.
Градоначалникот Бобан Стефковски заедно со пратеничките Жаклина Пешевска и Дијана Илиевска ја посетија Катерина, самохрана мајка на три мали деца. Однесоа голема количина храна која ќе им помогне во следните денови, но знаеме дека ова семејство има потреба од многу повеќе — потребна им е надеж, сигурност и шанса за нов почеток.
Затоа започнуваме хуманитарна акција со која, заедно со општествено одговорни компании и сите хумани луѓе, ќе се обидеме да го промениме животот на Катерина и нејзините три деца.
Хуманоста не се мери со тоа колку имаме, туку колку сме подготвени да подадеме рака кога некому му е најтешко.
Денес можеби токму нашата помош ќе биде причината некое дете да заспие нахрането, некоја мајка да почувствува дека не е сама, а едно семејство да добие надеж дека утре може да биде подобро.