Денес, градоначалникот Бобан Стефковски заедно со претседателот на Советот Виктор Трпевски, членот на Советот Виолета Здравевска, директорката Билјана Трајановска и претставници на економскиот оператор, извршија увид во градежните работи на новото општинско основно училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто.
Она што го затекнаа е навистина охрабрувачко. Градежните работи се одвиваат според предвидената динамика и проектот влегува во својата завршна фаза. Паралелно со изградбата, во финална фаза е и постапката за набавка на нов училишен инвентар, со што учениците ќе добијат современо опремени училници и квалитетни услови за настава уште од првиот училишен ден.
Очекувањата ни се дека новото училиште ќе ги отвори своите врати на самиот почеток на новата учебна година и ќе ги пречека учениците во еден целосно нов, модерен и функционален образовен простор.
Ова не е само изградба на нов објект. Ова е исполнување на долгогодишна потреба и реализација на проект кој ќе остави трајна вредност за Ченто и за целата општина.
По цели 61 година, ООУ „Крсте Мисирков“ добива нова училишна зграда – современ образовен објект кој ќе создаде подобри услови за учење, развој и напредок на сегашните и идните генерации ученици.
Вкупната инвестиција за реализација на овој капитален проект изнесува 170 милиони денари.
Новото училиште се гради на приземје и еден кат, со вкупна површина од 3.128 метри квадратни, а во него ќе бидат сместени 30 современо опремени кабинети, со вкупен капацитет за 713 ученици.
Објектот се гради според највисоките европски стандарди, со современи архитектонски и технички решенија, целосно е инклузивен и овозможува безбеден, пристапен и квалитетен образовен процес за сите ученици.
Нашата цел не е само да градиме училишни згради, туку да инвестираме во знаење, во младите, во нивната иднина и во подобри услови за образование. Секој реализиран проект е чекор напред кон посилна, поразвиена и помодерна општина.
Ветивме дека образованието ќе биде еден од нашите највисоки приоритети. Денес, со реализацијата на овој значаен проект, уште еднаш покажуваме дека дадениот збор го претвораме во конкретни дела.
Продолжуваме со реализација на ветените проекти.
Продолжуваме да инвестираме во образованието, инфраструктурата и подобриот животен стандард.
Продолжуваме да градиме иднина.
За сегашните и идните генерации.