Врз основа на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РСМ (АВРСМ), и Договорот за соработка Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Гази Баба, во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија, Програмата Општинско – корисна работа финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ, на ден 07.06.2022 година се објавува:
ЈАВЕН ПОВИК
до
евидентирани невработени лица за вклучување во
Програмата Општинско – корисна работа
Се повикуваат сите евидентираните невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во програмата Општинско-корисна работа, проект “Со граѓаните кон диверзификација и унапредување на системот на социјални услуги на локално ниво” за работно ангажирање со скратено работно време од 9 (девет) месеци заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, да се пријават во Агенција за вработување- Центар за вработување Скопје.
Евидентираните невработени лица кои немаат сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини/ компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера согласно услугата која треба да се испорачува ќе бидат вклучени во програмата при што 3 месеци ќе добијат задолжителна обука и 6 месеци работно ангажирање.
Вкупниот период на влученост на невработените лица преку програмата изнесува 9 месеци во кој влегува обуката и работниот ангажман.
Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во Програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 (дваесет) работни часови неделно, при што за време на задолжителната обука од 3 месеци за лицата кои не поседуваат соодветен сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини/ компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера согласно услугата која треба да се испорачува и за време на работниот ангажман од 6 (шест) месеци/9(девет) месеци статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на паричен надоместок и на корисници на право на Гарантирана минимална помош за времетраење на работно ангажирање ќе им биде активно претходно остварено право.
Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество во Програмата.
За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата Општинско-корисна работа се предвидува паричен надоместок во висина од 12.000,00 денари бруто износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во Програмата Општинско-корисна работа треба да припаѓаат на една од следните целни групи невработени лица:
• Долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција)
• Млади лица до 29 години
• Невработени лица на кои им престанал работниот однос во периодот на Корона вирусот COVID -19
• Лица корисници на гарантирана минимална помош
•лица корисници на паричен надоместок по основ на невработеност
• лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа
• Жртви на семејно насилство
• Жени припадници на ромската етничка заедница и на останатите етничките заедници
• Лица припадници на ромската етничка заедница
• Самохрани родители
Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на :
Работно место 1: лица како негователи во детска градинка, со завршена ССС- општа гимназија, средно медицинско училиште – општа насока, средно музичко училиште, средно ликовно училиште или средно фискултурно училиште.
Позиции за работно место 1: 14 неговаели во детска градинка
Потребни квалификации и занимања за Работно место 1:
ССС-ниво Г1 неговател од прво ниво (завршено соодветно средно четиригодишно образование и со или без важечка лиценца за неговател). Во рамките на категоријата Д се утврдуваат следниве нивоа на работни места на негователи:
– ниво Д1 неговател/помошник – воспитувач за нега и грижа на деца со специфични потреби попречени во менталниот развој или телесна попреченост од прво ниво (завршено четиригодишно средно образование – општа гимназија, средно медицинско училиште општа насока, средно музичко училиште, средно ликовно училиште или средно фискултурно училиште или со вишо образование кое поседува важечка лиценца за неговател).
Работно место 2: Лице за грижа на стари лица над 60 години, со завршено основно образование или ССС (завршено средно тригодишно или четиригодишно образование)
Позиции за работно место 2: 3 Лице за грижа на стари лица
Потребни квалификации и занимања за Работно место 2:
со завршено основно образование или ССС (завршено средно тригодишно или четиригодишно образование)
Способност за работа во тим
Комуникативна личност
Желба за работа со стари лица
Работно место 3: Лице за грижа на лица со попреченост, со завршено основно образование или ССС (завршено средно тригодишно или четиригодишно образование)
Позиции за работно место3: 3 Лице за грижа на лица со попреченост
Потребни квалификации и занимања за Работно место 3:
со завршено основно образование или ССС (завршено средно тригодишно или четиригодишно образование),
Способност за работа во тим
Комуникативна личност
Желба и сензибилизираност за работа со лица со попречености
Заинтресираните невработени лица Пријави за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да поднесат во Агенција за вработување- Центар за вработување Скопје во периодот од 07.06.2022 година до 13.06.2022 година, од 08:00 до 14:00 часот.
Поконкретните услови, права и обврски ќе бидат уредени со склучување на Договор помеѓу општина Гази Баба и избраните кандидати.
Детални информации за Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат во: општина Гази Баба кај лицето Валентина Ангеловска- Ќиевска, Општински координатор за Програмата „Општинско-корисна работа“, во Агенција за вработување- Центар за вработување Скопје кај лицето Гоце Петрушевски и во Центар за социјална работа Гази Баба кај лицето Кристина Симјановска.
ОПШТИНА ГАЗИ БАБА
ГРАДОНАЧАЛНИК
М-р Бобан Стефковски
06.07.2022