ЈАВЕН ПОВИК
За учество во општински совет за социјална заштита за подетално идентификување на потребите на граѓаните од развој на социјални услуги и придонес кон изработката на Социјален план за периодот 2022-2025 година на подрачјето на општина Гази Баба
Членовите на општинскиот совет за социјална заштита треба да придонесат за изработка на Социјалниот план кој ќе содржи мапирање на социјалните проблеми и ранливите групи во општината, анализа на капацитетите и расположливите социјални услуги, како и специфичните потреби за развој на социјални услуги во општината. Главна цел на овој документ е да се согледа актуелната демографска и социо-економска состојба во општината, и врз основа на тоа да се креираат и поддржат локални политики што се засноваат и одговараат на потребите на сите жители на општината.
За изработка на социјалниот план покрај користењето на постоечки административни извори на податоци многу е важно процесот да добие партиципативна димензија и да ги вклучи потребите и интересите на жителите од општината.
Изготвувањето на овој документ е од интерес за сите граѓани, граѓанските организации и други заинтересирани страни кои нудат социјална поддршка и услуги за социјално ранливите категории на граѓани од општина Гази Баба.
Затоа отвораме широк консултативен процес за детално идентификување на потребите на граѓаните од развој на социјални услуги и ги повикуваме сите здруженија на граѓани и фондации кои застапуваат или работат со лица во социјален ризик да го дадат својот придонес кон обликувањето на заедницата според потребите на секој нејзин член. Даваме можност и за индивидуално учество преку поднесување личен предлог базиран на искуство или докази.
Ги повикуваме сите заинтересирани да дадат придонес кон:
1. Прибирање информации за податоци со кои располагаат здруженија на граѓани и фондации кои работат со лица во социјален ризик. Податоците може да се од сопствени извори обезбедени преку евиденции, мапирања, анализи и истражувања или обработени статистички податоци кои се однесуваат на специфична целна група.
2. Прибирање предлози за развој на социјални услуги пропишани во Законот за социјална заштита. Покрај вообичаените услуги, охрабруваме да се понудат предлози и за креативни или иновативни социјални услуги со осмислени програми и содржини што може да се имплементираат во Општина Гази Баба.
Право на учество и критериуми
Право на учество во Јавниот повик ќе имаат здруженија на граѓани и фондации со дејствување на територијата на Општина Гази Баба каде што физички ќе се реализираат проектите, а кои ги исполнуваат следниве критериуми:
– да се регистрирани како здружение или фондација во согласност со Законот за здруженија и фондации и да деjствуваат на подрачјето на Општина Гази Баба;
– да имаат претходни активности поврзани со надминување на социјални ризици или социјални услуги на територијата на општина Гази Баба;
Рок и начин на доставување
Рок за поднесување предлог социјални услуги и податоци од заинтересираните од општината е 15(петнаесет) дена од денот на објавувањето на веб-страницата на Општина Гази Баба.
Предлог социјални услуги и податоци од здруженија на граѓани од општината може да се достави преку пошта на адреса:
Општина Гази Баба-Скопје
ул. „Архимедова“ бр.2
1000 Скопје
или во Архивата на Општина Гази Баба од 8.00 до 16.00 часот.
Или на мејл: ana@gazibaba.gov.mk
18.08.2022