Врз основа на членот 50 став 1 точките 13 и 16 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 05/2002), членот 27 од Статутот на општина Гази Баба („Службен гласник на општина Гази Баба“ број 4/2006), и членот 6 став (1) од Правилникот за начинот,условите и постапката за доделување на награда и признание на Општина Гази Баба („Службен гласник на општина Гази Баба“ број 7/2012), градоначалникот на општина Гази Баба објавува
КОНКУРС
За доделување на општинската награда Големата Мајка
(1) Се повикуваат граѓаните со живеалиште и правните лица со седиште на подрачјето на општина Гази Баба, како и членовите на Одборот за наградата Големата Мајка, да предложат кандидати за општинската награда Големата Мајка.
(2) Предлогот мора да биде во писмена форма со име на предлагачот, име и презиме, образложение и куса биографија на предложениот. Во предлогот мора да се наведе за која област се предлага доделувањето на наградата.
(3) Предлогот мора да биде адресиран до Одборот за наградата Големата Мајка-општина Гази Баба, преку архивата на општина Гази Баба.
(4) Наградата се доделува за областите: (4.1) култура, (4.2) уметност, (4.3) наука, (4.4) млади и спорт, (4.5) образование и воспитание, (4.6) хуманост и солидарност, (4.7) заштита и унапредување на животната средина и природата, (4.8) аграр, (4.9) стопанство и (4.10) невладин сектор.
(5) Наградата се доделува на физички и правни лица од земјата и од странство, за значајни остварувања од претходната и тековната година, до објавувањето на конкурсот, како и за подолг период на работа и творештво, што заслужуваат внимание на општина Гази Баба.
(6) Наградата се врачува еднаш годишно, а ја врачува градоначалникот на општина Гази Баба.
(7) Конкурсот трае заклучно со 19 октомври 2018 година, секој работен ден од 8 до 16 часот.
(8) Наградата Големата Мајка се состои од: статуетка на Големата Мајка, плакета и паричен износ. Паричниот износ на општинската награда Големата Мајка го определува Советот на предлог на градоначалникот.
Градоначалник на општина Гази Баба
Борис Георгиевски