По повеќе од шест децении, учениците од Црешево конечно ќе добијат современа училишна спортска сала – проект што ќе го промени секојдневието на сегашните, но и на идните генерации.
Денес, градоначалникот Бобан Стефковски заедно со директорката на ООУ „Наум Охридски“, Елизабета Андова, извршија увид во градежните активности. Она што го видовме е охрабрувачко – работите се одвиваат со одлична динамика, а очекувањата се салата да биде завршена и ставена во употреба на почетокот на октомври.
Учениците од Црешево, Виниче и Смилковци конечно ќе добијат услови какви што заслужуваат – современ спортски објект изграден според европски стандарди, наменет за кошарка, одбојка, ракомет и сите активности од физичкото и здравственото образование.
Проектот опфаќа и современи соблекувални со тушеви и тоалети, простории за наставниот кадар и простор за складирање на спортската опрема – комплетен објект кој ќе ги задоволи сите потреби на училиштето.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 34.099.421 денари, средства обезбедени од Владата на Република Македонија.
Ова не е само изградба на спортска сала.
Ова е исправување на една долгогодишна неправда.
Ова е инвестиција во здравјето, образованието и иднината на нашите деца.
Продолжуваме да го реализираме ветеното.
Продолжуваме да градиме капитални проекти што оставаат трајна вредност.
Затоа што најголемата инвестиција што можеме да ја направиме е инвестицијата во младите и во нивната иднина.