Денес младите луѓе на возраст од 18 до 25 години кои аплицираа на јавниот повик во Општина Гази Баба ги добија решенијата со кои им се доделуваат субвенции во висина од 10.000 денари за полагање на возачки испит.
Оваа мерка за прв пат се реализира во нашата општина.
Полагањето на возачки испит претставува важен чекор за секој млад човек – поголема самостојност, полесен пристап до образование, работа и нови можности. Токму затоа решивме директно да помогнеме и да бидеме вистински партнер на младите.
Нашата цел не е само да обезбедиме финансиска помош, туку да испратиме јасна порака дека младите се важни, дека нивните потреби се слушаат и дека Општина Гази Баба ќе продолжи активно да вложува во нивната иднина.
Младите ги ставаме на врвот на нашите политики и приоритети. Веруваме дека силна и успешна општина се гради со поддршка на младите генерации, со создавање можности, со инвестиции во нивниот развој и со конкретни мерки кои ќе им го олеснат секојдневието.
Во изминатиот период реализиравме повеќе проекти и активности насочени кон младите, а така ќе продолжиме и понатаму. Следуваат нови мерки, нови проекти и уште поголема поддршка во областа на образованието, спортот, младинските политики и подобрувањето на квалитетот на живот.
Општина Гази Баба продолжува да биде општина која не дава празни ветувања, туку општина која работи, реализира и создава резултати.
Честитки на сите млади кои добија субвенции и им посакувам успешно полагање, безбедно возење и многу успех во животот.