• 1939-1945Втора светска војна

    Втората светска војна на просторот на Македонија започнала со нападот на Германија и нејзините сателити на тогашното Кралство Југославија на 6 април 1941 година. За време на воениот конфликт, територијата на денешната Општина Гази Баба не била директно зафатена со борбени дејствија.Целокупната индустриска инфраструктура на територијатана сегашната Општина целосно ја прекинала работата. Единствено работела воената болница, која ги згрижувала ранетите војници на кралската југословенска војска. Но по 7 април и таа била целосно напуштена. Во такви услови, за неполни дваесет години, територијата на сегашната Општина уште еднаш била заземена од странски воени единици кои тука воспоставиле нова административна и политичка власт.

    Сите населени места од сегашната територија на Општината влегувале во составот на Скопската околија, која ја раководел околискиот управител со еден заменик и одреден број административни служби. Во составот на скопското Околиско управление влегувале 17 општини, од кои една градска, со седиште во Скопје, и 16 селски општински центри. Од постоечките три Општини, кои дотогаш се наоѓале на сегашната територија на Општината, Бугарите формирале само една селска Општина со седиште во с. Синѓелиќ. Во составот на Општина Синѓелиќ влегувале следниве населени места: Синѓелиќ (со 788 жители), Арачиново (со 394 жители), Булачани (со 1.085 жители), Брњарци (со 239 жители), Глушино (со 496 жители), Инџиково (со 125 жители), Мојанци (со 343 жители), Орланци (со 171 жител), Стајковци (со 144 жители), Страшница (со 388 жители) и Црешево (со 1.057 жители), или вкупно во Општината живееле 5240 жители.

    Покрај овие села с. Маџари со вкупно 628 жители, тогаш било приклучено како селска населба кон Скопската градска општина, а селата Идризово (92 жители), Трубарево (203 жители) и Јурумлери (247 жители), биле приклучени во состав на новоформираната Општина Петровец. Со селските општини раководеле селските кметови во чија надлежност се наоѓале одреден број служби и кметски намесништва.

    Народноослободителното движење на населените места на сегашната територија на Општина Гази баба поорганизиран започнала во текот на 1943 И 1944.Почетоците на развојот на движењето датирале уште во 1941 година. Тогаш биле формирани илегални групи за почетокот на оруженото востание во селата Булачани, Раштак и Синѓелиќ. Еден од главните иницијатори и организатори за формирање на овие први групи бил Алија Авдовиќ (1912-1941) од с. Синѓелиќ.

    Во текот на 1942 година тој тренд продолжил и се проширил и во другите села. Во ноември 1942 година во околината на с. Булачани престојувал Вториот скопски партизански одред, а во декември истата година поради давање помош на Одредот од страна на бугарската полиција била затворени група млади активисти. Во почетокот на 1943 година во истото село бил формиран и првиот Народноослободителен одбор, а во мај истата година и во с. Црешево била организирана група за отпор против бугарската власт, а за главен координатор за спроведување на овие цели бил избран Мирче Димитровски.

    Се поорганизираниот и поединствениот настап на групите биле причина тие да бидат едни од главните носители и на оружениот отпор во текот на 1944 година.

    Борбите за конечното ослободување на Гази Баба започнале во првата половина на ноември 1944 година.

    Битката за ослободување на Скопје започнала на 11 ноември 1944 година.
  • 1918-1945Периодот меѓу двете светски војни

    Административно-територијалните промени, колонизацијата, парламентарните избори и демографската состојба

    По завршувањето на Првата светска војна, Вардарскиот дел на Македонија бил приклучен во составот на новата држава Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, формирана на 1. 12. 1918 година. Во почетокот вардарскиот дел на Македонија бил именуван како Нови јужни краишта, а подоцна и официјално се нарекувал Јужна Србија.Во составот на новата држава на Кралството на СХС Македонците не биле признаени како посебен народ, туку биле прогласени за Срби, односно за Јужносрбијанци. Во административно-управен поглед територијата на денешната Општина Гази Баба била вклучена во Скопскиот округ. Со донесувањето на Видовденскиот устав, во јуни 1921 година, територијата на вардарскиот дел на Македонија била поделена на три области: Скопска, Брегалничка и Битолска, при што населените места на сегашната Општина Гази Баба биле вклучени во Скопската област. Оваа административно-територијална поделба траела до 3 октомври 1929 година, кога со Законот за називот и поделбата на Кралството на управни подрачја цела Вардарска Македонија, дел од Јужна Србија и дел од Космет образовувале едно административно-територијално подрачје Вардарска Бановина со седиште во Скопје. На територијата на денешната Општина, во тоа време функционирале три општини: Хасан Беговска, подоцна Синѓеличка, Брњарска и Булачанска. Главен белег на политичкото живеење во овој период му дало спроведувањето на аграрната реформа и колонизацијата, кога насила на поголеми делови од територијата на денешната Општина, биле доселувани колонисти, од различни делови на тогашното Кралство Југославија.

    Економските, просветните и здравствените прилики

    Економскиот развој на сегашната територија на Општина Гази Баба во периодот помеѓу двете Светски војни по многу нешта е карактеристичен и единствен и се разликува од сите останати делови кои припаѓале на градот Скопје и неговата околина. Во овој период територијата на сегашната Општина станува еден од центрите на почетниот развој на индустријата, која со засилено темпо продолжила да се развива и во наредните години. На местото што денес е познато како Ќерамидница, уште за време на турско се доселувало население кое се занимавало со производство на тули и ќерамиди. Меѓутоа, по 1918 година доселувањето се интензивирало со уште поголем број на жители од Скопје и неговата околина. Согледувајќи го квалитетот на земјата за изработка на тули и ќерамиди, тие на ова место ја изградиле првата фурна за печење на тули и ќерамиди. Поради изградената фурна, подоцна ова место било наречено Ќерамидница. Ќерамидите биле со висок квалиет и се продавале во Скопје и околината. Големата побарувачка на овој вид градежен материјал, придонело во 1939 година во с.Маџари да се отвори уште една фабрика за тули и ќерамиди под име Рекорд. Оваа фабрика со глина се снабдувала од наоѓалиштето во близина на селото.

    Во периодот од 1918 до 1941 година во овој дел на сегашната територија на Општина Гази Баба биле подигнати повеќе стопански објекти. Во близина на Ќерамидница,покрај железничката пруга Ниш - Скопје, во 1924 година, била подигната фабриката за пиво односно парната пиварница,која го снабдувала населението во Скопје и пошироко со пиво. Во почетокот во фабриката биле вработени околу 70 работници и произведувала околу 15 илјади хектолитри пиво годишно.

    Просветните прилики во селата на денешната Општина биле на ниско ниво и без соодветни просторни услови.На територијата на тогашните три општини имало вкупно седум основни училишта. Во училиштето наставата ја одржувал еден учител за сите четири класа. Условите за работа биле како и во другите училишта ширум Македонија и не биле соодветни за редовно изведување на наставна и педагошка дејност. Наставата се изведувала на српски јазик со учители дојдени претежно од Србија.
  • 1912-1918Балканските и првата светска војна

    Првата и Втората балканска војна по својата жестокост, разурнувања, човечки жртви и последиците што ги оставиле на територијата на Македонија, претставувале најкрвави воени судири во историјата на дотогаш единствената и се уште неподелена Македонија. Првата балканска војна започнала на 18 октомври 1912 година, а се водела помеѓу соседните балкански држави Србија, Бугарија и Грција од една и Турција од друга страна Територијата на сегашната Општина Гази Баба за време на Балканските војни не биле директно зафатени со воени дејства. Сепак, низ повеќето населени места на денешната територијата на Општината поминувала многубројна војска од составот на Седмиот корпус на Турската вардарска армија, чиј штаб се наоѓал во Скопје.

    Во административно-територијален поглед, денешната територија на Општина Гази Баба била вклучена во Скопскиот округ со седиште во Скопје, во чиј состав влегувале Скопската, Велешката и Качаничката околија.Набргу потоа била извршена нова територијална поделба базирана на поделба по општини. На територијата на денешната Општина Гази Баба во тоа време биле формирани три нови општини. Едната била Асанбеговската општина кон која биле приклучени следниве села: Асанбегово (со 340 жители), Инџиково(со 122 жители), Маџари (со 250 жители) Стајковце со заселокот Рукомија (со 55 жители) и Трубарево (со 113 жители), или вкупно Општината броела 880 жители. Втората била Брнарската општина со следниве населени места: Брнарце (со 141 жители), Арачиново (со 157 жители), Бара, Мојанце (со 185 жители), Орланци (со 146 жители) Страчинце (со 205 жители), или вкупно Општината броела 834 жители. Третата била Булачанската општина, која воедно имала и најголем број жители. Во Општината влегувале следниве населени места: Булачани (со 794 жители), Раштак (со 406 жители), Црешево (со 885 жители), Бутел со заселокот ?ифлик (со 101 жители) и Бутел, или вкупно Општината броела 2.186 жители.

    И покрај формирањето на повеќе административни центри и општини, состојбата на образовен и економски план во сите населени места на денешната територијата на Општината, воопшто не се подобрила од поранешната. Дел од земјата на беговите и агите била продадена на Македонците а некаде таа земја била на сила земена од селаните па така во с. Булачани селаните не им дозволувале на тамошните бегови да ја обработуваат земјата, бидејќи сметале дека таа требало да им припадне на сите жители на селото. Главното занимање на селаните во тоа време било козарството, а мал број одгледувале говеда и овци како и во с Црешево каде селаните се занимавале со сточарство и шумарство.

    Набргу по завршувањето на Втората балканска војна, летото 1914 година започнала Првата светска војна. За време на овие борбени судири, територијата на денешната Општина Гази Баба не била директно зафатена со борбени дејствија.
  • 1362-1912Турски период

    Од каде потекнува името Гази Баба?

    Името на денешната Општина потекнува од периодот на турското владеење и е поврзано со турбето - гробницата на Гази Баба, односно Ашик Челеби, истакната личност од културната историја на Турција од 16 век. На просторот каде се наоѓало турбето, односно изѕиданата гробница на Гази Баба, претходно, а и потоа, се наоѓале христијански гробишта. Подоцна и муслиманите започнале на ова места да ги погребуваат своите покојници, а поради турбето на Гази Баба, ова место станало свето за Турците муслимани. Во турбето, како што кажавме, бил погребан еден од првите османлиски литерати, поетот Ашик Челеби, на кого вистинското име му било Мехмед Али ел-Ната. Инаку, остатоците на турбето на Гази Баба и денес се наоѓаат на самиот врв од ридот Гази Баба. Турбето било урнато за време на земјотресот во 1963 година. Своевремено, тоа било во составот на еден од најголемите и најстарите комплекси на муслиманските гробишта во Скопје лоцирани на овој рид, кои биле уништени некаде во 1955 година.

    Приликите во 15 и 16 век на територијата на денешната Општина Гази Баба

    Втората половина на 15 век е период на општа турска инвазија на целиот Балкански Полуостров. Под силниот налет на добро организираната и војнички оспособената турска војска, на 19 јануари (според новиот календар) 1392 година паднал градот Скопје. Тоа значи дека и сегашната територија на Општина Гази Баба била целосно заземена и потпаднала под турска власт. Набргу потоа, за полесно владеење и раководење со новоосвоените територии, Турците извршиле соодветна административно-територијална поделба. Територијата на Општина Гази Баба била вклучена во Скопскиот санџак, кој бил формиран во втората половина на 16 век. Во склопот на Санџакот била формирана посебна Скопската нахија, каде што припаѓале и сите населени места на сегашната општина Гази Баба. Седиштето на Санџакот било во Скопје.

    Некои позначајни настани на територијата на Општина Гази Баба од крајот на 17 век до почетокот на Балканските војни

    Врз основа на расположливата документација, можеме со сигурност да кажеме дека основната стопанска дејност на населението во селата на територијата на Општина Гази Баба било земјоделството. Пишаните податоци за 15 и 16 век јасно говорат дека најмногу се сееле житата, и тоа пченицата, потоа ржта, јачменот итн. На поголеми површини се одгледувало и грозјето, бостанот, а од овошките оревите, јаболката итн. Населението одгледувало и стока, најмногу ситен рогат добиток (овци и кози). Чувањето свињи било застапено во сите христијански домаќинства. Крупниот добиток бил употребуван главно за вршење на полските работи и како транспортно средство. Речните текови биле ползувани понекогаш за работа на повеќе мелници за брашно и за помал број валавици за валање грубо платно. Тоа значи дека се до почетокот на 17 век имаме стабилна политичка и економска состојба, која се карактеризирала со мирен период и без некои позначајни политички потреси. Најзначаен политички настан, поради кој од корен ќе се променат политичките и економските прилики во сите населени места на денешната територија на Општина Гази Баба, секако била Австро-турската војна, која се водела од 1683 до 1699 година.Во оваа војна голем дел од македонскиот народ застанал на страната на австриската војска, во надеж дека преку Австријцитеќе успеат да се ослободат од турската власт.

    Главен белег на политичките прилики во цела Македонија во крајот на 19 и почетокот на 20 век им дало формирањето на ВМРО во 1893 година. Идејата на организацијата за целосно ослободување на Македонија од Турците и создавање слободна македонска држава наишла на големи симпатии и воодушевување кај целиот македонски народ. Затоа по формирањето на Организацијата и нејзиното почетно ширење низ целата територија на Македонија, таа била општоприфатена, што значи започнала и организационо да се зацврснува во сите населени места. Најголема афирмација ВМРО доживеала по избувнувањето на Илинденското востание во август 1903 година, кога целата територија на Македонија била потресена од темел. Некои региони биле повеќе зафатени, но некои помалку.

  • 500-1350Среден век

    Периодот на средниот век се карактеризира со многубројни и неворојатно брзи политички настани и процеси кои од корен ја промениле дотогашната политичка реалност не само на територијата на денешната Општина Гази Баба туку и на цела Македонија. Тоа е време кога дотогашната Римската Империја била замената со новоиздигната Византиската Империја и време на навлегувањето и населувањето на Словените на овој простор. Навлегувањата и населувањата на словенскиото население посебно се интензивирале во 6-ти век. Бидејќи во нивниот освојувачки и разурнувачки поход немало кој да им се спротистави, тие на територијата на денешната Општина ги разурнале сите тогашни населби а дел од населението кое не било убиено, ограбено или заробено за да се спаси се разбегало по околните планини. Малку порано односно во 518 година, територијата ја погодила катастрофален земјотрес при што целото тогашно Скупи било разурнато а настрадале и многубројните околни утврдени населби. На тој начин на оваа територија се повеќе се задржувало новодојденото словенско население чие конечно населување на територијата на Балканот и цела Македонија завршило во втората деценија на VII век,во време на владеењето на императорот Ираклиј. Од византиските извори се дознава дека територијата на Македонија била населена од Драговитите, Сагудатите, Велегизитите, Вајунитите, Берзитите и други племиња. По извесен период откако се стабилизирала состојбата најголемиот дел од претходно избеганото античко македонско население и помалубројното тогашно романизирано население започнало да се враќа на претходните живеалишта и се повеќе да се меша со новодојденото словенско население. Подоцна со природна симбиоза помеѓу Словените и античките Македонци, дошло до конституирање на денешниот македонски народ кој на овие простори продолжил да живее се до денес. Но тој процес одел постапно односно античките Македонци не исчезнале и не се претопиле веднаш по доаѓањето на Словените туку постапно и во етапи. Територијата на сегашната Општина Гази Баба, но и целата Скопска област била населена од словенското племе Берзити (Верзити), односно влегла во составот на склавинијата Берзитија каде останала се до средината на 9 век. Склавинијата Берзитија била една од најголемите на територијата на Македонија и живеела слободен живот скоро цели два века, се до потпаѓањето под бугарска власт која траела од 855 до 969 година. Потоа територијата на денешната Општина била вклучена во составот на новоформираната Самоилова држава, во чиј состав останала до 1018 година, кога повторно потпаднала под византиска власт.
  • BCПраисторија и антика

    Територијата на Општина Гази Баба отсекогаш била привлечно место за живеење уште од најстари времиња.Добрата географска положба, извонредните можности за развој на земјоделството и сточарството како и добрата сообраќајна поврзаност со сите патни правци кои воделе низ Македонија, биле магнет за повеќе познати и непознати племиња и народи кои тука се населувале и живееле на подолг или пократок временски период. Кои биле тие племиња и народи кои ја населувале денешната територија на Општинта во праисторијата, најверојатно никогаш нема да се дознае. Причините за тоа се наоѓаат во непостоењето на скоро никакви пишувани материјали или други археолошки релевантни наоди. Инаку праисторијата во Македонија започнува 6000 години пр.н.е. Историјата бележи дека на територијата на Општината првите човечки населби се многу стари и датираат уште од пред околу 3000 до 4000 години пр.н.е. Најпознат археолошки локалитет од тоа време, кој истовремено е и еден од најстарите во Македонија и на Балканот е Тумба во Маџари населба од неолитското време.

    Се наоѓа на просторот меѓу современите населби Маџари 2 и Ченто, на околу 700 метри од левата страна на автопатот Скопје - Куманово -Велес. Претставува мала височинка - тумба со пречник во основата од 220 метри и висина од 3 метри. Во годините до земјотресот (до 1963 година) иако користена за земјоделски потреби, таа била лесно впечатлива, дури и доминантна во овој дел од рамното поле. Подоцна, со изградбата на споменатите населби, а особено со неконтролираното подигање на дивоградби врз и околу неа, бил создаден нов амбиент во кој тумбата дури и не се забележувала. Врз основа на археолошките ископувања, констатирано е дека се работи за остатоци од повеќеслојна населба, со културен слој од 3 метра, во кој се разграничуваат три хоризонти на живеење од времето на средниот неолит, која културно и припаѓа на културната група Анзабегово-Вршник (II-IV). Истражен е простор од околу 1.400 м² во кој се откриени урнатини и основи од 7 објекти од кои шест се живеалишта, а еден светилиште. Сите биле надземни, со правоаголна или четвртестаоснова, градени од масивна дрвена граѓа и кал. Речиси во секој објект најдени се остатоци од огништа и многу големброј предмети од материјалната култура. Секако, најзастапени се керамичките садови кои покажуваат широка типологија како на облици така и на декоративни мотиви, изведувани во техниките на барботин, импресо и бихромно сликање (кафена врз црвена основа). Во орнаментиката кај поголем дел од садовите, покрај технолошките и ликовно-естетските вредности, присутна е одредена симболика (дожд,клас од жито, вода) поврзана со секојдненвите преокупации на неолитскиот човек. Покрај керамиката, значајна е и откриената култна пластика, посебно антропоморфната, која ликовно е ослободенаод старите традиционлани шаблони. Големата мајка божица- заштитничката на плодноста, е претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Таа е божица со наративна иконографија која е збогатена со палеоетнографски содржини.Тука е пронајдено и единственото од таков вид неолитско светилиште, подигнато на дрвени столбови, каде се вршени обреди за кои засега не се знае ништо. Големата мајка божица е претставена како матрона на храмот, како заштитничка на домот и семејството, мајка хранителка која има и многу дру-ги божествени функции. Таа е претставена во керамички модел во вид на куќа оформена во вид на женска фигура, односно како заштитничка на домот и семејството.

    Друга неолитска населба во која живееле праисториските луѓе се наоѓала во непосредна близина на с. Брњарци. И оваа неолитска населба во археолошкаталитература е заведена како тумба, со истите карактеристики како и претходната населба. Се наоѓа на 1 км јужно од селото. Нејзината големина се уште не е точно утврдена, но на површина од 0,50 ха, колку што се досега ископани, пронајдени се фрагменти од керамички садови, кремени и камени орудија, како и поголеми фрагменти од куќен лепеж.

    Во опкружувањето на двете неолитски населби во поново време е откриен уште еден археолошки неолитски локалитет кој сведочи за времето кога тука живееле праисто-риските луѓе од периодот на доцнобронзеното време. Овој локалитет е лоциран во близина на клучката кај Хиподром и претставува некропола (гробница) од доцнобронзеното време, која подоцна продолжила да егзистира и како населба во средниот век. Откриени биле 11 гробови-урни, а исто така и остатоци од средновековна населба.
    Друга неолитска населба е Тумба - Круша, населба од неолитско и римско време, која се наоѓа помеѓу селата Стајковци и Синѓелиќ. Населбата се протегала на околу 2 ха. По површината се среќаваат многубројни археолошки наоди како: фрагменти од керамички садови, кремени и камени орудија, куќен лепеж, а поретко се среќаваат и фрагментиод римска керамика.Сите овие наоди само ја потврдуваат историската констатација дека денешната територијата на Општина Гази Баба отсекогаш била населена со народи кои тука непрекинато живееле повеќе векови, односно до крајот на железното време и почетокот на антиката. Кое население живеело тука, кон која етничка група припаѓало и каде потоа исчезнало, најверојатно ќе остане тајна.Нешто повеќе се знае за населението кое на просторот на денешната Општина живеело во 6 - 7 век пр.н.е.често пати, уште многу одамна, се поставувало прашањето кои биле жителите и носителите на оваа култура, кон која народносна група припаѓале и што станало со нив. Врз основа на расположливата постара и понова литература, утврденое дека жителите кои го населувале овој простор (се разбира и пошироко) биле Пајонците. Всушност, целата територија на денешната општина Гази Баба и целиот скопски регион била во склопот на Пајонската Држава, која својата најголема моќ ја достигнала во 6 век пр.н.е, кога нејзините граници се простирале до Пелагонија.Во средината на 4 век пр.н.е. настанале крупни политички и територијални промени. Во овој период македонската држава започнала уште повеќе да се шири од југ кон север.Македонскиот крал Филип II (359 - 336 година пр.н.е.) во 358 година пр.н.е. ја освоил целата територија на Пајонците и истата ја вклопил во се поголемото македонско царство.Значи, во ова историско време, односно во почетокот на експанзијата на Македонците, пајонските племиња се уште ја населувале оваа територија. Според Тукудит (грчки историчар 460-околу 396 година пр.н.е.), Пајонците тука живееле и ги држеле областите западно од Пела се до пред доаѓањето на Македонците.Оттогаш Пајонија престанува да постои како држава, односно територијата на денешната општина,а се разбира и пошироко, била вклучена во составот на македонската држава. Така територијата на општина Гази Баба и пошироко од средината на 4 век пр.н.е. дефинитивно е влезен во составот на македонската држава.Друг објект во кој долги векови имало организирано живеење е локалитетот Кула, утврдување-рефугиум од доцно античко време, кој се наоѓа во близина на с. Булачани. Тука се уште можат да се видат ѕидови од камен и варов малтер. Овој објект, кој потекнува од 6-7 век од н.е ја имал функцијата на руднички кастел и се наоѓал на 580 м н.в. Во близината на една од најстарите неолитски населби во Македонија - Тумба Маџари, во римско време постоела уште една населба од стратешко значење за пошироката околина на тогашното Скупи. Името на населбата не го знаеме, но во археологијата овој локалитет е познат како Ограда. Темелите на повеќето објекти и денес се видливи на теренот. Исто така во непосредната близина на Маџари бил пронајден уште еден осамен наод од римско време, кој претставува поголем фрагмент од надгробна плоча со латински натпис. Во фронтонот има релјефна претстава на тракиски коњаник.За пулсирањето на животот на територијата на денешната Општина во доцно античко време сведочи уште една населба која се наоѓа на локалитетот чифлик, на околу 300м јужно од селото Раштак. Тоа кажува која немаме дополнителни историски сознанија - ниту за името на населбата ниту за луѓето што тука живееле.На археолошкиот локалитет Камник, 1970 година била откриена една поголема некропола (гробница) од римско реме. Во некрополата биле откриени 7 гроба, од кои четири со инхумирани и три со кремирани покојници. Уште една гробница од 4 век била откриена на просторот меѓу Гази Баба, Камник, Кумановски Пат и патот што води кон с. Црешево. Овој локалитет познат како Рокомија претставува осамен наод каде биле најдени четири надгробни стели со латински натпис. Во близината на с. Стајковци постоела уште една утврдена населба од римско време, која била подигната на темелите на претходната населба од неолитско време. Затоа и овој локалитет го носи името Тумба - Круша, а се наоѓа помеѓу селата Стајковци и Синѓелиќ. Остатоците од керамички садови и римска керамика само го потврдуваат сознанието дека тука постоело организирано живеење повеќе илјади години, односно се до 6 век од н.е. кога населбата била целосно уништена при навлегувањето на Словените на овој простор.Населено место во римскиот период имало и на археолошкиот локалитет Смиљковце, во денешното село Црешево. Добрата географска положба и можноста за развој на земјоделството, придонеле тука уште од римско време да се формира населба во која живеело многубројно месно население. За тоа сведочат ископините на темели на повеќе објекти градени од камен со варов малтер. Ова била поголема римска населба, во чија близина, на околу стотина метри од православните гробишта, биле лоцирани гробиштата каде се погребувале тогашните жители на населбата. На овој археолошки локалитет, познат како Крши Дол, мештаните од с. Црешево долги години ваделе камени плочи од гробни конструкции и делови од надгробни споменици со латински натпис. На локалитетот Селиште пак во 1961 година бил откриен осамен наод од римско време, кој претставувал жртвеник со латински натпис, посветен на божествата Јупитер нова. Овој осамен наод претставувал дел од тогашните верски обичаи на тогашните жители, кај кои христијанството како религија се уште не продрело. Низ територијата на денешната Општина врвела и една од позначајните патни комуникации за време на римското владеење - патот Скупи - Пауталија. Пред еден век англескиот научник А. Еванс го следел Кумановскиот пат, верувајќи дека ја користи античката траса. Денес овој пат служи во локалниот сообраќај. Патот се движел од Скупи по денешната главна траса во Скопје кон Маџари, а оттука скршнувал на исток до Арачиново и натаму на североисток преку Кумановско Поле накај Куманово. На јужните ограноци на Скопска Црна Гора античкиот пат го надгле-дувала стража кај Брњарци и градот кај Никуштак (Мерион?). Овој дел од патот го надгледувале тврдините кај Пчиња и Орашец. Целиот овој преглед на досега познатите праисториски и антички археолошки наоди покажуваат дека територијата на денешната Општина Гази Баба било многу населена. Но мораме да кажеме дека оваа состојба траела се до 6 век, кога на политичката сцена настанале крупни промени.