Гази Баба памети! Македонија не заборава!
Со длабока тага, болка и неизмерна почит денес се сеќаваме на 9 и 10 Мај 2015 година — денови кога Македонија беше завиена во црно, а осум македонски херои ги положија своите животи бранејќи ја татковината.
Горан Стојменовиќ, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски и Ненад Серафимовски не беа само припадници на безбедносните сили. Тие беа синови на Македонија. Луѓе со срце, соништа, семејства и љубов кон својата земја.
Тие ја облекоа униформата со чест, достоинство и вера дека Македонија мора да остане мирна, безбедна и слободна. Во миговите кога татковината ги повика, тие не се повлекоа. Застанаа исправено, храбро и достоинствено — и ја платија највисоката цена за Македонија.
Денес, 11 години подоцна, болката сè уште живее во срцата на нивните семејства, пријатели и целиот македонски народ. Времето не ја брише тагата, но уште повеќе ја зацврстува нашата обврска никогаш да не ги заборавиме.
Светост е да се брани татковината. Светост е да се даде животот за својот народ и својата држава.
Нивната жртва не е само спомен на една трагедија — таа е вечен симбол на храброст, пожртвуваност и бескрајна љубов кон Македонија.
Нека нивните имиња бидат вечен аманет.
Нека нивната храброст биде патоказ за идните генерации.
Нека нивната жртва никогаш не биде заборавена.
Вечна слава на хероите од Диво Насеље!
Македонија не заборава!