Денес направивме уште еден значаен чекор кон подобра, помодерна и побезбедна инфраструктура за граѓаните на Автокоманда и цела Гази Баба. Градоначалникот Бобан Стефковски заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го означија почетокот на реконструкцијата на улицата „Лазар Поп Трајков“, една од најважните сообраќајни артерии во овој дел од Скопје.
Ова е улица што со години ја чекаше својата обнова. Улица по која секојдневно се движат илјадници граѓани, возачи и пешаци, а чии жители долго време очекуваа конкретни решенија и подобри услови за секојдневно функционирање. Денес, по децении чекање, почнуваме да ја менуваме таа реалност!
Со нов асфалт, реконструирани тротоари и нови рабници, создаваме подобри услови за одвивање на сообраќајот, поголема безбедност за пешаците и посигурно движење за сите учесници во сообраќајот. Ова не е само реконструкција на една улица – ова е вложување во квалитетот на животот на граѓаните, во нивната безбедност и во иднината на нашата општина.
Нашата цел е јасна: улиците што со години биле запоставени да добијат современ и функционален изглед, а граѓаните конечно да ги добијат условите што ги заслужуваат. Затоа што секоја улица е важна, секоја населба заслужува внимание и секој граѓанин има право на безбедна и уредена инфраструктура.
Ова не е изолиран проект. Претходно го реконструиравме и надвозникот „Естакада“, кој има огромно значење за сообраќајното поврзување и секојдневното функционирање на Автокоманда. Со реализацијата на овие инфраструктурни зафати, чекор по чекор, создаваме подобри услови за движење, работа и живот.
Кога институциите соработуваат, кога постои координација и кога заеднички се работи во интерес на граѓаните, резултатите стануваат видливи на терен. Токму тоа е пристапот што го негуваме – соработка наместо поделби, работа наместо изговори и конкретни решенија наместо празни ветувања.
Пред нас се уште многу работа и многу предизвици, но најважно е што проектите што граѓаните ги чекаа со децении почнуваат да се реализираат. Дел од нив веќе се завршени, дел се во тек, а за дел допрва следува реализација. Продолжуваме посветено да работиме на подобрување на инфраструктурата, на поврзување на населените места и на создавање поуредена и пофункционална општина.
Гази Баба не стои во место! Нашите населби добиваат современи улици, безбедни тротоари, квалитетна инфраструктура и рамномерен развој. Заслужуваат институции што ги слушаат нивните потреби и работат на нивно решавање.
Продолжуваме да работиме, да градиме и да создаваме! Со конкретни проекти, со силна меѓуинституционална соработка и со посветеност кон потребите на граѓаните, чекор по чекор ја градиме Гази Баба каква што сите ја посакуваме.
ПО ДЕЦЕНИИ ЧЕКАЊЕ – СЕ СЛУЧУВААТ ПРОМЕНИ ШТО СЕ ГЛЕДААТ!
ГАЗИ БАБА ДОБИВА СОВРЕМЕНИ, БЕЗБЕДНИ И УРЕДЕНИ УЛИЦИ!