Денес, градоначалникот Бобан Стефковски заедно со премиерот Христијан Мицкоски, извршија увид во градежните активности за изградба на новата фаза од фекалната канализација, со која правиме уште еден крупен чекор кон решавање на долгогодишниот проблем со одведувањето на отпадните води во ова населено место.
Оваа фаза се реализира со финансиска поддршка од Владата на Република Македонија, во вредност од 144.805.314,09 денари, а предвидува изградба на дополнителни 4.380 метри нова мрежа на вакуумска канализација, како и приклучоци до домаќинствата.
Важно е да се истакне дека ова не е почеток на инвестициите во Јурумлери, туку продолжување на една континуирана посветеност и работа. Претходно, Општина Гази Баба со сопствени буџетски средства изгради 4.072 метри фекална канализациска мрежа. Со новата фаза, продолжуваме да ја прошируваме мрежата и да создаваме услови за конечно решавање на еден од најважните инфраструктурни проблеми со кои се соочуваат жителите.
Нашата работа не застанува тука. Паралелно со активностите во Јурумлери, интензивно работиме и на изградба на фекална канализација во населеното место Идризово.
Наскоро започнуваме и со последната фаза за изградба на фекална канализација во населените места Гоце Делчев и Чукур Маало во Трубарево. Тоа значи дека продолжуваме систематски да ги решаваме инфраструктурните предизвици и да инвестираме во секое населено место во општината.
Нашата определба е јасна – да реализираме конкретни проекти, да ги решаваме долгогодишните проблеми на граѓаните и да обезбедиме поквалитетни услови за живот. Не зборуваме само за планови и ветувања, туку за проекти што се реализираат, инфраструктура што се гради и промени што граѓаните ги гледаат и чувствуваат во своето секојдневие.
Посветено инвестираме и во образованието, изградивме ново училиште, градиме нови детски градинки, инвестираме во нови спортски сали и создаваме подобри услови за развој, образование и спорт на нашите најмлади.
Секој реализиран проект е уште еден чекор кон помодерна, поуредена и поразвиена општина. Веруваме дека секое населено место заслужува современа инфраструктура, квалитетни јавни услуги и услови за достоинствен живот.
Благодарност до претседателот на Владата, господинот Христијан Мицкоски, за поддршката и соработката во реализацијата на овие значајни инфраструктурни проекти. Заедничката работа и институционалната соработка се важни за да можеме да реализираме проекти од големо значење за граѓаните.
Продолжуваме со силно темпо, посветено и одговорно, со јасна цел – да ги менуваме работите на подобро и да обезбедиме развој во секој дел од општината.