Градоначалникот Бобан Стефковски присуствуваше на свечениот прием на првачињата во ООУ „Наум Наумовски-Борче“.
Денес, училишниот праг за првпат го пречекорија нашите најмлади ученици – со насмевки на лицата, со ранчиња на грбот и со безброј детски соништа во срцата.
Драги првачиња, пред вас започнува едно прекрасно патување исполнето со нови знаења, искрени другарства, радосни мигови и незаборавни спомени. Училиштето не е само место каде што ќе научите да читате, пишувате и сметате – тоа е вашиот втор дом, во кој ќе растете, ќе созревате и ќе ги откривате своите таленти.
Стефковски им посака секој училишен ден да го започнуваат со радост, љубопитност и желба за учење. Бидете вредни, храбри и упорни, почитувајте ги своите наставници, помагајте им на другарчињата и никогаш не престанувајте да верувате во себе и во своите соништа.
Почитувани родители, бидете спокојни – вашите најмили се во сигурни раце. Пред нив се наставници и стручни служби кои со многу љубов, знаење, внимание и посветеност ќе ги водат низ првите и најважни чекори во образованието.
Бидете нивната најголема поддршка, радувајте се на секој нивен успех, охрабрете ги кога ќе наидат на предизвик и секогаш потсетувајте ги дека оценката е важна, но уште поважни се знаењето, трудот, добрината и човечноста.
Почитувани наставници, вам ви е доверено најскапоценото – иднината на нашата општина и нашата татковина. Ви благодарам за вашата благородна мисија, трпение и секојдневна посветеност. Продолжете да бидете нивни учители, но и нивна сигурност, поттик и инспирација.
Ќе продолжиме силно да вложуваме во образованието, во подобри услови за настава и во создавање училишта во кои секое дете ќе се чувствува безбедно, прифатено и мотивирано да напредува.
Нека првиот училиштен ден остане засекогаш запаметен како почеток на едно прекрасно поглавје исполнето со знаење, другарство и многу успеси.
Среќен почеток, драги првачиња!
Чекорете храбро, учете со љубов и сонувајте големи соништа – затоа што вие сте нашата најголема радост, нашата гордост и иднината на Гази Баба и Македонија!