Денес градоначалникот Бобан Стефковски присуствуваше и се обрати на работилницата посветена на подготовката на Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) на Општина Гази Баба за периодот 2027–2032 година, документ од особено значење за заштитата на животната средина и одржливиот развој на нашата општина.
Во своето обраќање, Стефковски ја истакна важноста од заеднички и посветен пристап во справувањето со еколошките предизвици, бидејќи чистата и здрава животна средина е наша заедничка одговорност, но и обврска кон идните генерации.
Преку подготовката на ЛЕАП ги идентификуваме најважните еколошки проблеми, ги утврдуваме приоритетите и ги планираме конкретните мерки и активности што ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните. Овој процес е можност да ги согледаме реалните потреби на терен и да поставиме јасни насоки за нивно решавање.
Особено важно е во овој процес да ги вклучиме сите релевантни чинители, стручната јавност, институциите, граѓанските организации и граѓаните. Само преку отворен дијалог, размена на знаења и искуства и конструктивна соработка можеме да дојдеме до квалитетни, реални и долгорочно одржливи решенија.
Нашата цел е да создадеме услови за почиста животна средина, повеќе зелени површини, одговорно управување со отпадот, подобар квалитет на воздухот и поголема грижа за природните ресурси. Тоа се прашања што директно влијаат врз здравјето, благосостојбата и секојдневниот живот на нашите сограѓани.
ЛЕАП 2027–2032 не треба да биде само стратешки документ на хартија, туку практичен план со јасно дефинирани приоритети, конкретни мерки и мерливи резултати. План чие спроведување ќе значи реални промени и подобра иднина за сите жители на Општина Гази Баба.
Продолжуваме посветено да работиме на создавање поеколошка, поздрава и поодржлива општина, во која грижата за животната средина ќе биде составен дел од секоја развојна политика и секоја наша одлука.
Заедно да ја направиме Гази Баба почисто, поздраво и позелено место за живеење!