Денес, со голема чест и чувство на одговорност градоначалникот Бобан Стефковски учествуваше на настанот организиран од здружението „Мобилност Скопје“ и Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мултиплекс склероза (МС). Заедно испративме силна порака за поддршка, солидарност и еднакви можности за лицата кои живеат со мултиплекс склероза, параплегија и мускулна дистрофија.
Мултиплекс склерозата е болест која носи секојдневни предизвици, но и огромна сила кај луѓето кои се борат со неа. Токму затоа, нашата обврска како општество е да покажеме разбирање, емпатија и конкретна грижа – преку подобра здравствена заштита, пристапност, рехабилитација и целосна вклученост во општествениот живот.
Како локална самоуправа, остануваме цврсто посветени на создавање општина без бариери – општина во која секој граѓанин ќе има еднаков пристап до институциите, услугите, образованието и јавниот простор. Ќе продолжиме да работиме на мерки и проекти што значат подобар, подостоинствен и поквалитетен живот за лицата со попреченост.
Денешниот марш беше повеќе од симболика – беше сведоштво за храброста, истрајноста и достоинството на многу наши сограѓани. Секој чекор што го направивме беше потсетник дека вистинската сила на едно општество се мери преку грижата и поддршката што им ја дава на оние на кои им е најпотребна.
Искрена благодарност до организаторите, здруженијата и сите учесници кои денес покажаа дека хуманоста, солидарноста и заедништвото се вредности што нè обединуваат и нè движат напред.