Врз основа на членовите 9 и 10 од Одлуката за критериумите, начинот и постапката за доделување на јубилејни признанија “50 години Гази Баба” донесена на седумнаесетата седница на Советот на општина Гази Баба оддржана на 30.09.2026 година, градоначалникот на општина Гази Баба објавува:
ЈАВЕН ПОВИК за номинација на граѓани за добивање на признание „50 години Гази Баба“
По повод одбележувањето на 50 години од основањето и постоењето на Општина Гази Баба, Општина Гази Баба објавува јавен повик за номинација на истакнати личности кои со својата работа, достигнувања и личен ангажман придонеле за развојот, афирмацијата и препознатливоста на општината.
Во чест на големиот јубилеј, ќе бидат доделени 50 јубилејни признанија на 50 личности кои со своето дело оставиле значаен белег во животот на Општина Гази Баба.
Можат да бидат номинирани:
• спортисти и спортски работници;
• уметници и културни работници;
• писатели, поети и новинари;
• наставници, професори и други просветни работници;
• научници, истражувачи и иноватори;
• претприемачи и стопанственици;
• хуманитарци и активисти;
• волонтери и лица со особен придонес во заедницата;
• истакнати граѓани со особен придонес во развојот на локалната заедница;
• други личности кои со своето дело ја афирмирале Општина Гази Баба во земјата и во странство.
Право на номинација имаат сите физички и правни лица, здруженија, спортски клубови, културни установи, образовни институции, месни заедници, организации и други субјекти.
Едно лице или организација може да предложи повеќе кандидати, со поднесување на посебна номинација за секој кандидат.
Номинацијата се врши со потполнување на формулар за номинација кој се подига од архивата на општина Гази Баба.
По можност, кон номинацијата може да се приложат и материјали кои го потврдуваат придонесот на предложеното лице.
Критериуми за избор:
При изборот на 50-те добитници ќе се земаат предвид:
• значењето и квалитетот на постигнувањата;
• придонесот кон развојот и афирмацијата на Општина Гази Баба;
• влијанието врз локалната заедница;
• националната и/или меѓународната афирмација на општината;
• долгогодишниот придонес и оставеното трајно наследство.
Изборот на добитниците ќе го врши посебна Комисија за избор на добитници на јубилејните признанија, врз основа на однапред утврдени критериуми.
Начин и рок за доставување на номинациите:
Потполнетиот формулар за номинација се доставува:
до архивата на општина Гази Баба на ул. Архимедова бр. 2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот.
Рок за доставување на номинациите од 08.10.2026 до 22.10.2026 година.
Имињата на избраните добитници ќе бидат објавени пред одржувањето на свеченоста по повод одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Општина Гази Баба.
Да ги одбележиме луѓето кои ја одбележаа Гази Баба. Педесет години се историја. Но, историјата ја создаваат луѓето. По повод јубилејот, Општина Гази Баба сака да им оддаде признание на оние кои со својот труд, талент, успех и посветеност придонеле Гази Баба да биде подобро место за живеење и општина препознатлива по своите луѓе и нивните достигнувања. Предложете личност која според вас го заслужува признанието „50 години Гази Баба“.
Критериуми и постапка за избор
При изборот ќе се земаат предвид значењето и квалитетот на постигнувањата, придонесот кон развојот и афирмацијата на Општина Гази Баба, влијанието врз локалната заедница, како и националната и меѓународната афирмација на општината.
По истекот на рокот за доставување на номинациите, Комисија формирана од градоначалникот на Општина Гази Баба ќе ги разгледа сите пристигнати номинации и ќе изврши избор согласно утврдените критериуми.
Врз основа на разгледаните номинации и извршениот избор, Комисијата ќе достави до градоначалникот на Општина Гази Баба предлог-Одлука за доделување на јубилејни признанија на 50 лица кои со својата работа, достигнувања и ангажман дале особен придонес кон развојот и афирмацијата на Општина Гази Баба.
Конечната Одлука за доделување на признанијата ја донесува градоначалникот на Општина Гази Баба.