Врз основа на точка 3 од Програмата на активности на Сектор за заштита на животна средина и природата на подрачјето на Општина Гази Баба за 2023 година со наслов Субвенционирање на граѓаните на општина Гази Баба за купување на велосипеди во 2023 година (“Службен гласник на Општина Гази Баба” бр.19/22), Општина Гази Баба објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Општина Гази Баба за купување велосипеди во 2023 година
1. Опис на јавниот повик
1.1. Општина Гази Баба, со цел да ги стимулира жителите од својата општина за користење на велосипеди, на граѓаните кои ќе купат нов велосипед од Република Македонија во период од денот на објавувањето се до 30 ноември 2023 година односно до исцрпување на средствата наменети за оваа намена со Буџетот на Општина Гази Баба, ќе им надомести дел од трошоците направени при купување на велосипеди.
1.2. Средствата што Општина Гази Баба ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
1.3. Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнувањето.
2. Право на учество на Јавниот повик
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба, кои ќе купат нов велосипед од Република Македонија во период од денот на објавувањето се до 30 ноември 2023 година односно до исцрпување на средствата наменети за оваа намена со Буџетот на Општина Гази Баба и кои немаат искористено субвенција за купување на нов велосипед.
3. Услови што треба да ги исполни барателот Барателот треба да ги исполни следниве услови:
• да е жител на Општина Гази Баба
• да нема искористено субвенција за купување на нов велосипед,
• новиот велосипед да го има купено во Република Македонија од денот на објавување на јавниот повик се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик, но не подоцна од 30 ноември 2023 година
4. Начин на пријавување на Јавниот повик
4.1. За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавниот повик се исполнети, барателот е должен да ја поднесе следната документација:
• барање за субвенција за купување на еден велосипед со личните податоци (барањето може да се подигне во архивата на Општина Гази Баба или да се обезбеди од интернет страницата на Општината: www.gazibaba.gov.mk
• фотокопија на важечка лична карта на барателот, како доказ дека е жител на Општина Гази Баба
• фотокопија од трансакциска сметка исклучиво на барателот
• доказ дека е извршено купување на нов велосипед од РепубликаМакедонија, и тоа фискална сметка издадена во Република Македонија, со датум од денот на објавување на Јавниот повик се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, при што задолжително е велосипед да е целосно отплатен, плаќањето на рати не се прифаќа.
4.2. Едно лице може само еднаш да аплицира за добивање на субвенција за купување на еден велосипед.
4.3. Купувачот на новиот велосипед своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик во архивата на Општината на адреса ул.Архимедова бр.2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот. На пликот треба да е наведено: „Јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Општина Гази Баба за купување велосипеди во 2023 година”
4.4. Архивата на Општина Гази Баба примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување (датум, час и минута), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата
5. Начин на спроведување на Јавниот повик
5.1. За спроведување на Јавниот повик Градоначалникот формира Комисија за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на општина Гази Баба за купување велосипеди во 2023 година.
5.2. Општина Гази Баба, во зависност од динамиката на пристигнување на барањата, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно искористување.
5.3. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена.
5.4. Кога ќе бидат исцрпени предвидените финансиски средства, Општина Гази Баба ќе го објави завршувањето на Јавниот повик преку својата веб страна. Финансиските средства ќе се сметаат за исцрпени односно доделени кога на предлог на Комисијата, Градоначалникот ќе донесе решение за исплата на средствата.
6. Начин на остварување на правото на надоместок
6.1. Градоначалникот на Општина Гази Баба на предлог на Комисијата ќе донесе решение за усвојување на барањето на барателите кои ги исполниле условите врз основа на Јавниот повик.
6.2. Градоначалникот на Општина Гази Баба на предлог на Комисијата ќе ги извести за неусвојување на барањето, барателите кои не ги исполниле условите врз основа на Јавниот повик.
19.04.2023